Консултации
Јакнењето на односите помеѓу Владата и невладиниот сектор е клучно начело за добро владеење и преставува неопходна инвестиција во процесот на креирање квалитетни политики. Преку учеството на засегнатите страни, Владата има пристап до нови извори на идеи, информации и ресурси кои се важни во процесот на креирање на политики и донесување на одлуки. Консултациите придонесуваат кон градење на меѓусебната добверба, развивање на квалитетот на демократијата и јакнење на капацитетите на невладиниот сектор.
Владата на Република Македонија од 2006 година спроведува иницијативи фокусирани на регулаторната реформа. Притоа, како поддршка на консултативниот процес се изработени Методологија за процена на влијание на регулативата (ПВР), Упатството за начинот на постапување во работата на министерствата во процесот на спроведување на проценка на влијанието на регулативата, Кодекс за консултации со јавноста за време на подготвувањето на регулативата, Прирачник за ПВР, Прирачник за засегнати-Консултации во процесот на креирање на политики во Владата на Република Македонија. Овие материјали го објаснуваат консултативниот процес и претставуваат како тој најдобро да се спроведе и што можат граѓаните да очекуваат од Владата при спроведување консултации.
Владата на Република Македонија e посветена на ефективни консултации со засегнатите страни, и тоа, на консултации кои се јасно и ефективно насочени кон оние на кои директно се однесува регулативата. Една од најпрагматичните алатки кои ја поддржуват оваа определба преставува Единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР.
Што е ЕНЕР?
Единствениот национален електронски регистар на прописи - ЕНЕР претставува електронски систем кој покрај постојните прописи во Република Македонија ги содржи и Известувања за почетокот за подготовка на предлог закон, предлог Извештаите за ПВР, предлог законите на министерствата во фаза на подготовка, пречистени текстови на закони, Годишни планови за спроведување на ПВР по министерства, релевантни документи прозлезени од анализите спроведени од страна на министерствата како и коментарите, ставовите и мислењата од засегнатите стани по конкретни предлог законски решенија.
ЕНЕР претставува алатка првенствено наменета за електронско информирање на граѓаните на РМ, како и на претставниците од невладините организации, стопански комори, правни лица, претставниците на владата, како и на одделните министерства.
Преку процесот на Проценка на влијанието на регулативата (Regulatory Impact Assessment - RIA) кој подразбира и спроведување на соодветни и временски координирани консултации со јавноста, во ЕНЕР преку доставување предлози, мислења и забелешки можат навремено да се вклучат засегнатите страни во креирањето на регулативите. На тој начин се постигнува поголема предвидливост на истите и секако транспарентност на целокупниот процес.
Единствениот национален електронски регистар на прописи - ЕНЕР е електронски систем кој содржи постојни прописи, предлог-закони на министерствата во фаза на подготовка, и извештај од спроведената проценка на влијанието на регулативата - ПВР.
За што е наменет ЕНЕР?
· за електронско информирање на граѓаните и невладините организации, деловните субјекти и министерствата,
· за поддршка на процесот на Проценка на влијанието на регулативата (ПВР),
· за вклучување на јавноста во подобрување на предлог-законите, кога тие се креираат,
· за поголема транспарентност при донесување на предлог-закони од страна на Владата и поттикнување на учество на јавноста при подготовка на прописите.
Како до редовни коментари и информации?
Преку зачленувањето на ЕНЕР:
· давајте коментари, предлози и мислења,
· изберете своја област на интерес за навремено добивање известувања за новините на ЕНЕР,
· дознајте кои прописи се најинтересни и добиле најмногу коментари од корисниците на ЕНЕР,
· имајте увид во прописот и коментарите на корисниците на ЕНЕР,
· следете ги 10-те најнови предложени прописи кои сè уште не се утврдени од Владата и вклучете се.
Правна рамка
Согласно Деловникот за работа на Владата на Република Македонија и Методологијата за проценка на влијанието на регулативата, Министерствата, предлозите за донесување на закон, нацртите и предлозите на закони, освен законите кои се донесуваат по итна постапка, законите за ратификација на меѓународни договори, законите со кои се вршат интервенции од нормативно - правен карактер, и тоа: номотехнички интервенции, терминолошко усогласување со други закони и јазично или редакциско уредување на текстот на законот, предлог Буџетот и Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија мора задолжително да ги објават на ЕНЕР и да бидат достапни за коментари од јавноста. Секоја заинтересирана страна може на ЕНЕР да достави мислење, забелешки и предлози во врска со објавените предлози за донесување закон, нацртите и предлозите на законите во рок од 20 дена од денот на објавувањето.
Преглед на член/68-а од Деловникот за работа на Владата на Република Македонија со кој а се нормира обврската за објава на ЕНЕР:
(1) Предлозите за донесување закон, нацртите и предлозите на закони, надлежното министерство ги објавува на својата интернет страница и во единствениот национален електронски регистар на прописи.
(2) Кога со предлогот на закон се менува најмалку една петтина од одредбите на постојниот закон, надлежното министерство објавува и текст на законот во кој се интегрирани предложените измени.
(3) Предлозите на закони чие донесување се предлага по итна постапка, надлежното министерство не ги објавува на својата интернет страница и во единствениот национален електронски регистар на прописи.
(4) Секоја заинтересирана страна може во единствениот електронски регистар на прописи да достави мислење, забелешки и предлози во врска со објавените предлози за донесување закон, нацртите и предлозите на законите во рок од 20 дена од денот на објавувањето.
(5)Надлежното министерство во извештајот за проценка на влијанијата на регулативата дава преглед на добиените мислења во кој ги наведува причините, поради кои забелешките и предлозите не се прифатени и истиот го објавува на својата интернет страницата и во единствениот електронски регистар на прописи.
(6) Предлозите за донесување закон, нацртите и предлозите на закони и извештаите од ставот (5) на овој член остануваат објавени на интернет страницата на надлежното министерство и во единствениот електронски регистар на прописи една година од денот на влегувањето во сила на законот.