Владата на Република Северна Македонија и засегнатите страни ја искажаа потребата од заедничко делување за поттикнување на развојот на социјалните претпријатија и екосистемот во кој делуваат, преку донесување на посебен Закон за социјални претпријатија.
Со донесување на Националната стратегија за развој на социјалните претпријатија 2021 – 2027 година, се потенцираше потребата од развојот на социјалното претприемништво и социјалните претпријатија, како долгорочната визија. Визијата, целите и приоритетите на Стратегијата ги следат стратешките ориентации на Европската Унија и нејзината Иницијатива за развој и поддршка на социјална економија.
За реализација на наведената определба и визија на долгорочна основа неопходно е донесување на правна рамка за функционирање на социјалните претпријатија во Република Северна Македонија, што е во согласност со првиот приоритет од оваа Стратегија за обезбедување на еднаков правен статус и придобивки за сите видови социјални претпријатија, со донесување на посебен закон кој ќе ја уреди оваа област.
Исто така, имајќи во предвид дека во последните неколку години сè повеќе организации се идентификуваат себеси како социјални претпријатија или започнаа да основаат социјални претпријатија, евидентна е потребата за донесување на посебен закон со кој ќе се утврдат услови и критериуми за стекнување и престанување на статусот на социјално претпријатие, условите за работа, инструментите за поддршка и развој на социјалните претпријатија, посебните услови за работа на социјалните претпријатија за социјална реинтеграција и работно ангажирање и социјалните претпријатија за работна интеграција, надлежностите на Националниот ресурсен центар за поддршка на социјалните претпријатија, надлежностите за спроведување и следење и други прашања од значење на социјалните претпријатија.
Јавениот увид на Предлогот на Законот за социјални претпријатија ќе се спроведе во периодот од 6.11.2023 до 21.11.2023 година.
Јавните расправи по Предлог на Законот за социјални претпријатија ќе се одржат:
- во Скопје, на 10.11.2023 година, петок, од 12 часот, во Центарот за социјални претпријатија, ул. Македонија бб,
- во Битола, на 15.11.2023 година, среда, од 12 часот, во Студентски информативен центар УКЛО Битола, ул. 1ви Мај бб, Битола,
- во Штип, на 17.11.2023 година, петок, од 12 часот, во зградата на општина Штип (сала на Совет на општина Штип), ул. Васил Главинов 4Б, Штип.
Заинтересирани граѓани, здруженија на граѓани, правни субјекти од приватниот сектор и други засегнати страни се поканети да земат учество во текот на јавниот увид и јавните расправи за разгледување на текстот по Предлог на Законот за социјални претпријатија!
Прикачен документ на веста Предлог на Закон за социјални претпријатија со образложение 6.11.2023.pdf