Најава Најава
Потребно е да се согласите со правилата и условите за користење на ЕНЕР

ПРАВИЛА И УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ НА ЕНЕР ОД СТРАНА НА РЕГИСТРИРАН КОРИСНИК

1. Општи одредби

Овие Правила и услови се однесуваат на користењето на Единствениот национален електронски регистар на прописи на Република Македонија (во понатамошниот текст: ЕНЕР) од страна на веќе регистриран корисник или лице кое сака да се регистрира.

ЕНЕР е достапен на веб локацијата:https://ener.gov.mk/ и содржи прописи во Република Македонија и предлог прописина министерствата во фаза на подготовка, Извештаи за проценка на влијанието на регулативата и консолидирани текстови на закони), документи (политики, стратегии, акциски планови, стратешки планови, програми, планови, извештаи, методологии, насоки, оперативни планови, декларации, повелби, протоколи, стандарди и друго), можност за електронско поднесување на иницијативи (за прописи или општи) и форум-тематски дебати.

ЕНЕР претставува алатка наменета за електронско информирање и електронска консултација на понудените содржини со граѓаните на Република Северна Македонија, невладиниот сектор, деловните субјекти, синдикатите, стопанските комори, здруженијата и фондации, односно сите физички и правни лица кои можат да бидат директно или индиректно засегнати од спроведувањето на законите и другите прописи или кои ги застапуваат интересите на одредени групи во општеството .

Вашата регистрација и/или понатамошното користење на функционалностите на ЕНЕР претставува Ваше согласување со овие Правила и услови. Доколку не ги следите и не постапувате согласно овие Правила и услови, Министерството за информатичко општество и администрација (во понатамошниот текст: МИОА) може да го де-активира Вашиот кориснички профил и со тоа да ви биде оневозможено понатамошно користење на функционалностите на ЕНЕР.

2. Регистрација и управување со кориснички профил

Со ЕНЕР управува МИОА. МИОА ја активира регистрацијата на администраторите од институции, кои пак ја активираат регистрацијата на владините уредници. Регистрацијата на јавните корисници не подлежи на активирање.

За Вие лично да ги користите функционалностите на ЕНЕР потребно е да се регистрирате преку пополнување на веб формата за регистрација. Вашето корисничко име во ЕНЕР е валидна адреса за е-пошта која Вие ја избирате и внесувате при регистрација. Корисничкото име не може да го менувате и по него се следат записите за преземени дејствија во системот од Ваша страна. Исто така, Вие, по сопствен избор, ја креирате и Вашата лозинка. Доколку сакате, можете да ја менувате прв пат внесената лозинка, како и секоја подоцна креирана лозинка.

Доколку сте ја заборавиле Вашата лозинка, тогаш преку линкот „Нова лозинка“, кој се наоѓа подполињата за најава на регистриран корисник во ЕНЕР, ја активирате процедурата за креирање нова лозинка..

Вашиот кориснички профил ќе биде де-активиран од страна на:

  • - МИОА, доколку повеќе не ја извршувате улогата на администратор во институција,
  • - администратор во институција, доколку повеќе не ја извршувате улогата на владин уредник, и
  • - МИОА, доколку како корисник не ги следите и не постапувате согласно овие Правила и услови.

Де-активацијата значи дека повеќе не можете да ги користите функционалностите на ЕНЕР, но Вашиот кориснички профил нема да биде избришан од базата на податоци.

3. Внесување, ажурирање и заштита на личните податоци во ЕНЕР

Со внесување на податоци во соодветните полиња од веб образецот за регистрација, Вие ја потврдувате нивната точност и ажурност. Ако било кој податок внесен во веб образецот за регистрација се промени, може да го ажурирате преку користење на линкот „Кориснички профил“ кој му е достапен на секој најавен корисник.

МИОА има воспоставено и применува систем на технички и организациски мерки за обезбедување на тајност и заштита на обработката на лични податоци кои соодветно се применуваат и за личните податоци што се обработуваат преку ЕНЕР.

Со Вашето регистрирање и отворање кориснички профил на ЕНЕР и Вие преземате одговорност за зачувување на доверливоста на вашите лични податоци. Заради заштита од злоупотреби, личните податоци внесени во ЕНЕР не треба да ги откривате на трети лица и лично треба да пристапувате и да го користите корисничкиот профил на ЕНЕР и да оневозможите користење на Вашиот профил од страна на било кое друго лице.

Ако од која било причина сметате дека Вашиот кориснички профил не е повеќе безбеден (на пример, во случај на губење, крадење или неовластено откривање или користење на вашето корисничко име/лозинка и лични податоци), мора веднаш да го промените податокот преку користење на соодветниот механизам за промена или да го контактирате МИОА на следната адреса: ener@ener.gov.mk.

Доколку се соочите со било каков проблем при внесување или ажурирање на податоците, треба да го контактирате МИОА.

4. Дозволен начин на користење на ЕНЕР

Не може да овластите други лица да го користат Вашиот кориснички профил на ЕНЕР, а доколку го направите тоа одговорноста за преземените дејствија од страна на оние за кои сте им дозволиле да го користат Вашиот профил е целосно Ваша.

ЕНЕР смеете да го користите само за целите за кои е креиран и воспоставен.

Преку ЕНЕР не смеете да објавувате или обезбедувате пристап до содржини (текстови, графички елементи, фотографии, слики, видео или аудио материјали) со кои би се повределе нечии авторски права, интелектуална сопственост, деловни тајни или било кој друг вид лични или сопственички права на било која трета страна, а доколку тоа го направите мора да биде со претходна согласност на сопствениците на тие права. Преку ЕНЕР не смеете да објавувате или обезбедувате пристап до содржини со кои се нарушува нечија приватност. Преку ЕНЕР не смеете да објавувате или обезбедувате пристап до содржини со кои се нарушуваат основните слободи и права на граѓаните на Република Северна Македонија, односно да објавувате недолична, неморална и навредлива содржина.

Вие се согласувате дека нема да се обидувате да го нарушувате, напаѓате, модифицирате или преземете друго дејствие со кои може да предизвикате негативни последици по функционирањето на ЕНЕР или по користењето на ЕНЕР од страна на другите корисници.

5. Завршни одредби

Овие Правила и услови за користење на ЕНЕР може повремено да се менуваат. Информација за направените промени ќе се објавува во линкот „Новости“ на ЕНЕР. Вашиот континуиран пристап на веб локацијата на ЕНЕР ќе значи дека ги прифаќате сите измени на Правилата и условите за користење на ЕНЕР.


Со кликнување на копчето „Се согласувам“ потврдувате дека сте ги прочитале, разбрале и ги прифаќате Правилата и условите за користење на ЕНЕР.

ПРОПИС: Предлог Закон за облигационите односи

Министерство за правда
26.09.2019
Закон
Отворен
Постојниот Закон за облигационите односи е донесен во 2001 год.Со истиот за прв пат се напуштија некои концепти и решенија и се воведоа нови.Со оглед на изминатиот временски период и динамиката на промените во општествените текови и општественото живеење,но и промените во законодавството на ЕУ во одредени области се јави потребата од целосна ревизија на систематизирањето и регулирањето на облигационите односи.За таа цел со Стратегијата за реформи во правосудниот сектор 2017-2022 се предвиде донесување на нов Закон за облигационите односи како стратешка определба за усогласување на граѓанско правната област со европските стандарди и современите општествени текови.
КоментирајВо консултациите можат да учествуваат исклучиво регистрирани корисници. Доколку сакате да оставите коментар, најавете се или регистрирајте сметка,тука!

- - коментари - -

28.11.2019 Димитар Ристовски

Во прилог доставуваме предлог за официјален став на ЕБА во поглед на предложените измени кон ЗОО.

30.10.2019 Горан Лазаревски

Во прилог доставуваме коментари на нацрт-законот за разгледување. Благодариме
Прикачен документ на коментарот 404_Komentari_na_ZOO1301931524.docx

30.10.2019 Горан Лазаревски

Коментари на одредбите на ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ

член 300
(1) Стапката на законската казнената камата се определува за секое полугодие и тоа во висина на каматната стапка од основниот инструмент од операциите на отворен пазар на централната банка на државата (референтна стапка), што важи на првиот ден од тековното полугодие, зголемена заЧ
1) осум процентни поени во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право и
2) шест процентни поени во договорите во кои барем едното лице не е трговец.
се предлага да останат процентните поени утврдени во актуелниот Закон за облигациони односи односно 10 и 8 процентни поени, бидејќи утврдените проценти во предлог законот (8 и 6) ќе влијаат на редовните каматни стапки на кредитите, особено кај тие со ЕУР клаузула, каде трендот на движење на стапката на едномесечен еурибор е ниска со минусен предзнак.
Ваквите стапки ќе влијаат и врз висината на максимално дозволена СВТ согласно новите измени кон Закон за заштита на потрошувачи при договори за потрошувачки кредити, каде максимално дозволена СВТ не смее да биде 5 пати повисока од моментално важечка законска казнена камата.
Доколку законската казнена камата биде премногу ниска и се изедначи со редовните каматни стапки, ќе ја изгуби стимулативната улога - клиентите во рок на доспеаност да ги измируваат своите обврски.
Ваквите стапки дополнително ќе ги стават во нерамноправна и подредена улога останатите не-банкарски финансиски институции (други даватели на кредити и заеми) кои не прибираат депозити, и кои се финансираат од поскапи извори на пазарот на капитал. Со намалување на законски казнената камата, од осум на шест проценти, а со тоа и на договорната камата и СВТ, директно ќе се влијае финансиски на одржливоста на овие институции, и истовремено оневозможи понатамошниот пристап до финансии на нивните корисници, кои се претежно население со ниски приходи, кое не може да пристапи до банките поради ниската кредитоспособност и ризичност.
член 305
(3) Кога износот на стасаната, а неисплатена казнена камата ќе го достигне износот на главнината, каматата престанува да тече.
ПредлогЧ Да се избрише ставот 3 бидејќи во концептот на микрокредитирање кој подразбира одобрување на помали суми на кредитни задолжувања и работење со повисок кредитен ризик, оваа одредба не е применлива и истата предизвикува дестимулација кај должниците навремено да ги исполнуваат кредитните обврски.

член 415
(1) Сите побарувања што се утврдени со правосилна судска одлука или со одлука на друг надлежен орган или со порамнување пред суд или пред друг надлежен орган, застаруваат за десет години, независно што за некои од нив со овој закон или со друг пропис е предвиден пократок рок на застареност.
(2) Наведениот рок од десет години не подлежи на прекин или на застој.
Од аспект на финансиските институции особено се неразумни членовите 415 и 1303.
Предложеното со ставот 2 дека овој рок не подлежи на прекин или застој има директно влијание на доверителите и наплатата на нивните побарувања. Дополнително, овозможува свесно одолговлекување на постапките за наплата од страна на должниците до истек на овој рок од десет години, по што би се повикале на застареност на побарувањето. Сето ова ќе предизвика влошување на наплатата и не се запазува принципот на еднаквост на страните затоа што ако се поведе постапка за присилна наплата од старт се дава предност на должникот (доколку не располага со движни и недвижни средства) да „чека“ само да настапи застареност и долгот да не се наплати.
Членот 415 дополнително ќе ги забави и така спорите извршувања. Од друга страна, со таквото решение се нарушува базичниот принцип во граѓанските постапки, според кој таму не постои апсолутна застареност. Така на пример, некој може да се парничи и 20 години, без да застари неговото побарување, а по добивањето на извршна исправа се соочува со апсолутна застареност од 10 години. Тоа ќе предизвика тензија во извршувањата, истите ќе се иницираат веднаш (без оставање на време и можност за алтернативна наплата) и секогаш ќе се насочуваат кон брзи начини за наплата (заплена и продажба на имот), а не од плата, според моделот “капка по капка“.
Она што има уште понегативен ефект е ставот 3 од членот 1303, според кој:
(3) Правилата од овој закон што се однесуваат на застареноста ќе се применуваат и врз облигационите односи што настанале пред денот на започнувањето со неговата примена.
Тоа значи дека со денот на примената на законот застаруваат сите оние побарувања кои се во тек на извршување, а произлегуваат од извршни исправи кои се постари од 10 години !!! Овој популизам нема никаква уставно правна подлога (ретроактивно дејство).
Воедно, би сакале да истакнеме дека на овој начин се поттикнува финансиска недисциплина и дека овие измени се спротивни на Закон за финанска дисциплина кој беше донесен токму за решавање на проблемите за „ненавремено исполнување на парични обврски“ч
Предлог: Ставот 2 од членот 415 да се избрише од предлог текстотч
Ставот 3 од членот 1303 да се избрише од предлог текстот;


член 1303
(2) Правилата од овој закон што се однесуваат на каматите ќе се применуваат и на каматите од веќе настанатите облигациони односи што стасуваат по започнувањето со неговата примена.
Предлог: Ставот 2 од членот 1303 да се избрише од предлог текстот, бидејќи истиот е проследен со премногу обемна работа и долготраен процес за да се спроведат измените во каматите, односно подготвување на нови амортизациони планови, подготовка на анекси кон договорите за кредит, системски прилагодувања и сето тоа ќе има негативно влијание врз тековните процеси и работење на финансиските институции и ќе биде проследено со големи трошоци. Примена на законот за веќе склучени облигациони односи е спротивно на било која методологија за управување со ризици, бидејќи во моментот на склучување на договорот двете страни ги процениле ризиците и постапиле соодветно на нивниот најдобар интерес. Теоретски и практично, не е применливо да се вградат сите премии за преземените ризици од било која страна, кога се прави промена на облигациониот однос, а ниедна од страните, а посебно не доверителот, не е во состојба да влијае на премиите за ризиците кои ги презел.

Воедно сметаме дека рокот оставен за коментари и забелешки по предлог текстот е премногу краток, со оглед на тоа дека се работи за обемен закон, со исклучително широка примена и ваквите измени бараат поголем ангажман, анализи во работни групи како резултат на тоа што не беше објавен предлог текст со означени измени во однос на акутелниот закон заради олеснување на процесот на коментирање.

<< < 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 ... > >>