Краток опис на проблемот
:
Со Законот за културата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 31/98, 49/03, 82/05, 24/07, 116/10, 47/11, 51/11, 136/12, 23/13, 187/13, 44/14, 61/15, 154/15, 39/16, 11/18 и 11/18) донесен во 1998 година, се утврдени основата на културата како темелна вредност на Република Македонија, облиците на остварување на културата, начинот и условите за финансирање, правата од работен однос во областа на културата и правата од работен однос во националните установи, како и други прашања од интерес за културата. На Законот до денес направени се 16 измени и дополнувања. Неколкуте последни измени и дополнувања на Законот, недоследностите ги доведуваат до апсурд поради што се наложи итна потреба од донесување на нов закон.
Цел на предлог законот
:
Целта на предложениот Закон е пропишување нормативни основи за обезбедување услови за стимулирање, помагање, унапредување и развивање на културата во Република Македонија. Законот претставува современа правна рамка за уредување на односите во областа на културата. Со овој Закон ќе се создадат нормативни претпоставки за потемелни реформи во културата и ќе се пополнат правните празнини кои постоеја во нормирањето на културата.